50.000 шведски пензионери треба да потврдат дека се живи
Исплаќање пензии на починати лица, што несомнено им прави голема штета на пензиските фондови, не се случува само во Македонија и во Грција. Со оваа појава се соочува и Шведска. Околу 50.000 шведски пензионери кои живеат во странство мора да потврдат дека се живи за да ја подигнат својата пензија. Шведскиот надлежен орган за пензии моментно врши контрола на оние пензионери кои решиле да се населат во странство, а со цел да се избегне ситуација на понатамошни исплати на пензии на лица кои починале пред подолго време.
- Мораме на некој начин да утврдиме дека оние на кои им исплаќаме пензија се живи, а тоа го правиме еднаш годишно - изјавил Пер Ола Халберг, шеф на Одделението за услужни предмети во Пензиска управа на Шведска.
Моментно во странство живеат вкупно околу 123.000 лица кои примаат шведска пензија. За нив шведската пензиска управа секој месец исплаќа приближно 35 милиони евра.