Курирот кој го однел американското разузнавање до скривалиштето на бин Ладен во Пакистан, бил по потекло од реонот на долината Суат
Пакистанските власти соопштуваат дека курирот кој го однел американското разузнавање до скривалиштето на Осама бин Ладен во Пакистан, бил по потекло од реонот на долината Суат, поранешен бастион на талибанските бунтовници.
Тие го идентификуваа курирот како Ибрахим Саид Ахмед. Тој и брат му Абрар беа застрелани во американската операција на 2 мај, кога беше ликвидиран лидерот на Ал каеда.
Браќата се поврзале со Бин Ладен, откако се вратиле во долината Суат од Кувајт, каде се преселиле нивните родители. Суат е на околу 110 километри северно од Аботабад, каде што Бин Ладен се криел речиси пет години.
Според „Волстрит џурнал“, кој прв ги објави вистинските имиња на двајцата браќа, нивното родно место било селото Мартунг.
Пакистан ги отфрли сомневањата дека бил вмешан во криењето на Бин Ладен, и создаде независна комисија која ќе ги истражи евентуалните врски и неуспеси на разузнавањето. Едно од најважните прашања на кои Исламабад бара одговор е дали мрежата на поддржувачи на Бин Ладен опфаќала и други луѓе освен двајцата браќа.