Предупредувањето го објавила државната севернокорејска новинска агенција, а го пренел и највлијателниот весник во оваа земја.

Северна Кореја денеска го предупредила Сеул дека неговата соработка со САД и со Јапонија би можела да доведе до нуклеарна војна на поделениот полуостров, објави АП, пренесува Нетпрес. Предупредувањето е дел од коментарот, кој го објавила државната севернокорејска новинска агенција, а го пренел и највлијателниот весник во оваа земја. Повод за текстот било денешното почнување на воената артилериска вежба на јужнокорејската армија на 27 локации.
Северна Кореја на 23 ноември, годинава, го гранатираше јужнокорејскиот остров Јеонпјеонг и за прв пат од завршувањео на Корејската војна во 1953 година, жртви беа цивили. Како одговор на ова, Сеул одржа заеднички воени маневри со САД и закажа самостојна артилериска вежба, игнорирајќи ги предупредувањата на Пјонгјанг, дека тоа само ќе ја влоши безбедносната ситуација.
Јужнокорејската морнарица се обиде да го намали значењето на своите воени вежби, кои ќе траат до петок, неделава, потенцирајќи дека тие се рутински, и дека нема да се одвиваат во близина на спорната поморска граница во Жолтото море, каде се наоѓа и островот Јеонпјеонг. Но, Северна Кореј го обвини својот јужен сосед за соработка со САД и со Јапонија, за да го зголеми притисокот. “Таа соработка не е ништо друго освен предавство, кое ќе ги зголеми тензиите меѓу Северот и Југот и ќе привлече темни облаци на нуклеарна војна да висат над Корејскиот полуостров“, пишува највлијателниот севернокорејски весник “Родонг Шинмун“.
Инаку, во моменти кога односите со Јужна Кореја беа влошени, Северна Кореја често испраќаше вакви предупредувања, пишува американската новинска агенција “Асошиејтед прес“ (АП). Во знак на солидарност со Јужна Кореја, претставници на САД и на Јапонија се состанаа минатата седмица во Вашингтон и му порачаа на Пјонгјанг, дека нема да продолжат преговорите за нуклеарно разоружување на таа комунистичка земја, се‘ додека не се смени нејзиното однесување. Воени претставници на САД и на Јужна Кореја денеска се состанале да ја разгледаат ситуацијата во врска со Северна Кореја и одредени други прашања.