“Канал 5 функционира под закани и притисоци директно на кабинетот на премиерот”
Наводно поради превработеност неколку новинари од телевизијата Канал 5 добија отказни решенија. Станува збор за Весна Коваческа-Трпчевска, Богданка Кузевска, Христена Антовска, Александра Мишовска, Соња Јованова, Сања Момировска, Бранка Чочковска и Александар Ивановски, сите осуммина познати и искусни новинари.
Во врска со настанатата ситуација проговори долгогодишната новинарка Весна Коваческа-Трпчевска. Таа тврди дека владата врши упад врз слободното новинарство преку отпуштање новинари кои одбиваат да спроведуваат партиска политика. Коваческа-Трпчевска го обвини премиерот дека си поигрува со човечки судбини и му се обрати на премиерот преку отворено писмо, директно со обвинувања на адреса на власта.
“Престанете да правите упад во професионалното новинарство! Престанете да се заканувате и да плашите врапци! Можете да заплашувате криминалци, со чии криминали најверојатно ја условувате послушноста, но не и нас, кои за пристојна плата си ја работиме својата работа чесно, многу години наназад и кога вие не сте сонувале дека ќе станете премиер! Но, не ви се плашиме! - му порача Коваческа-Трпчевска на премиерот.
Коваческа-Трпчевска објаснува дека редакцијата функционира под закани и притисоци директно од кабинетот на премиерот. Како што вели таа, се прават консултации со кабинетот за тоа кој новинар е подобен за конкретен настан, а на дел од новинарите не им се доверуваат работни задачи. Понатаму вели дека се бара од новинарите да ги менуваат информациите, се нудат непристојни предлози за послушност, се кратат прилози без новинарот да биде известен за тоа, се симнуваат прилози од вестите во последен момент...
Коваческа-Трпчевска испрати писмо и до Емил Стојменов, сопственикот на Канал 5, во кое потенцира дека и директорот Иван Мирчески признал дека списокот со отпуштања е направен според „апстрактни критериуми“.
“По десет години професионална и чесна работа, отпуштена сум според апстрактни критериуми. Нека ви служи на чест! Еднаш ви реков, дел од медиум сме и јас и вие, имаме огромна одговорност кон јавноста, сега ќе ви го повторам тоа. Не виткајте кичма, туку спротивставете се на линчот на вашите вработени кои под притисок порано заминаа, сега заминуваат и тие што ги спремате да си одат – без нив, без нас” – му порача Коваческа-Трпчевска на Стојменов. Toj e моментно е на одмор во Грција, a Мирчески,остана недостапен да објасни какви се тие „апстрактни критериуми“ поради кои осум новинари заработија откази.
Според шпекулациите, работната атмосфера во телевизијата драстично се променила откако пред околу три недели Мартин Протоѓер, шеф на кабинетот на премиерот Груевски ја посетил редакцијата. Оттогаш прилозите почнале да се контролираат и се менувале, па дел од новинарите понекогаш не можеле да си ги препознаат кога ги гледале на вестите.
Отпуштените новинари за ова ги информирале и Филип Рикер и Ерван Фуере, амбасадорите на САД и на Европската унија во земјава и очекуваат дека набрзо да одржат средба со нив. Најверојатно, отпуштените новинари ќе ја тужат Канал 5, бидејќи не се согласиле да потпишат спогодбени решенија за разделба, како што барал менаџментот на телевизијата.
Груевски вчера демантираше било какво влијание врз одлуката да бидат избркани овие новинари. Тој ги негираше и изјавите на Ковачевска Трпчевска.
“Најостро, енергично и во целост ги демантираме шпекулациите и неточните реакции кои се јавија во јавноста за наводни влијанија на претседателот на Владата или други владини функционери, во случајот на отпуштање на група новинари од телевизијата Канал 5. Ниту претседателот на Владата, ниту било кој друг владин функционер нема апсолутно никаква врска со оваа одлука на менаџментот на Канал 5 телевизија. Најостро ги отфрламе обвинувањата за некакво наводно мешање во уредувачка политика или било што друго поврзано со функционирањето на овој медиум.” - осочија од Владата.