Ставена во мирување тужбата за ЕВН

Владата и ЕВН ништо нема да преземаат еден против друг во наредните три месеци



Ниту државните „Електрани на Македонија“ ќе продолжат со судската постапка против „ЕВН Македонија“ ниту, пак, австриската компанија ќе ја тера работата со поднесената тужба против државата на Арбитражниот суд во Вашингтон.   Отворените прашања меѓу македонската Влада и австриската компанија ЕВН ќе се решаваат во рамките на правниот систем на земјава, во отворена транспарентна постапка.  Додека постапката е во тек, тужбата на ЕВН Македонија до Арбитражниот суд во Вашингтон ќе биде ставена во мирување.  Се е ставено во мирување во наредните 90 дена, а по потреба рокот ќе се пролонгира се' до наоѓањето конечно решение. 


На вчерашната прес- конференција вицепремиерот, Владимир Пешевски; министерот за економија, Фатмир Бесими; претставникот на ЕВН, Гинтер Офнер, и директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, насмеани и си подадоа рака едни на други.  Сите беа едногласни дека постојни недоразбирања и отворени прашања меѓу ЕВН и ЕЛЕМ ќе се решаваат во рамките на македонскиот правен систем и во отворена транспарентна постапка. 


„Откако овде ќе се затвори судската постапка, ќе се повлече и тужбата на ЕВН од Арбитражниот суд во Вашингтон.  Во меѓувреме, учесниците во спорот ќе имаат шанса низ директни преговори да најдат решенија за сите отворени прашања.  Со меѓусебна доверба и соработка ќе се дојде до квалитетно решение, без последици за двете компании.  Битно е дека сите неусогласености ќе се решаваат интегрално, разумно и фер и ќе бидат прифатливи за двете страни“ -  посочи Пешевски.  Тој избегна директно да го каже дека ЕЛЕМ и ЕВН се подготвени договорно да го решат спорот на наредното судско рочиште. 


Вицепремиерот укажа дека има различни ставови на двете страни околу одредени делови од купопродажниот договор меѓу државата и ЕВН.  Тука ги наведе поинаквите толкувања околу поделбата на долговите меѓу ЕЛЕМ и ЕВН, за обврските за инвестирање на ЕВН во Македонија, за регистрацијата на компанијата, имотните прашања... 


„Чекор по чекор, во следните неколку месеци ќе се одвиваат интензивни преговори.  Соработката е неминовна.  Важно е што за тоа има добра волја меѓу учесниците во енергетскиот сектор, не само меѓу ЕВН и ЕЛЕМ.  Ќе создадеме ситуација во која сите ќе добијат, а сето тоа ќе биде во интерес на граѓаните и на државата“ - изјави Офнер и дополни дека неколкуте досегашни заеднички проекти со Владата даваат надеж на уште подобра идна соработка


Инаку, спорот меѓу ЕВН и ЕЛЕМ настана откако поради ненаплатени побарувања од старото ЕСМ, Австријците на државната компанија ЕЛЕМ требаше да и платат речиси 200 милиони евра. За ова Австријците покренаа тужба во Вашингтон за лош третман како странски инвеститор.

Bookmark and Share Објавена на: 29/07/2010 00:20