Тројка ја обележа првата третина од трката

По една третина од шампионатот во Првата фудбалска лига на врвот се одвоија три екипи, кои ќе водат битка за титулата до крајот на сезоната
Воскреснатиот Вардар, моќниот Металург и шампионот Шкендија, се трите фудбалски прволигаши што уште по само една третина од првенството се промовираа како единствените конкуренти за титулата, но и за местата што идната сезона водат во Европа.

По заокружувањето на 11 кола, кои го обележуваат првиот дел од сезоната, која се игра по трикружен систем, неприкосновен на врвот на табелата се издвои Вардар. „Црвено-црните“ оваа етапа ја завршија без ниту еден пораз и со само три ремија, притоа примајќи само четири гола, најмалку од сите екипи во Првата лига. Реновираниот тим на Вардар го има најдобриот стрелец во лигата, Филип Ивановски, кој досега постигна осум гола.

Пет бода помалку од лидерот (22) има Металург, кој својот прв пораз сезонава го доживеа во последното коло во неделата, на гости кај третопласираната Шкендија. Момците од „Железарница“ одлично ја почнаа сезоната, но во моментов се во лоша серија од само една победа на последните седум натпревари, на средината на која беше сменет и тренерот Жикица Тасевски. Актуелниот шампион Шкендија, пак, и покрај променливата форма есенва, на крајот на првиот круг натпревари успеа да стигне само на еден бод негатива зад металурзите, најмногу благодарение на најефикасниот напад во лигата, кој на 11 натпревари постигна 19 гола.

Далеку зад трите лидери, кои и ги пополнуваат местата што водат во Европа следната сезона, се наоѓа Силекс, кој заостанува дури 11 бода зад Вардар, а пет зад Шкендија. Со еднаков број бодови е и Напредок, а еден помалку има најголемото разочарување во првиот дел од сезоната, Работнички. „Романтичарите“ ги израдуваа сите љубители на фудбалот во Македонија со одличното европско лето, во кое стигнаа на чекор до групната фаза во Лига Европа. Но ваквата серија исцрпувачки натпревари против силни противници го зедоа својот данок, па Работнички во досегашниот дел од првенството успеа да победи само на четири натпревари, а претрпе исто толку порази.

Изненадувањето на сезоната, повратникот во Првата лига, Охрид, има еднаков број бодови со Работнички (15), а во долниот дел на табелата се екипите што во остатокот од сезоната ќе се борат за опстанок, список што завршува со очајниот 11 Октомври, кој уште отсега со едната нога е во Втората лига.

До крајот на сезоната има уште многу натпревари, особено интересни ќе бидат по двата меѓусебни дуели на водечката тројка, но уште отсега се чини дека ќе биде многу неверојатно некој од преостанатите тимови да се вмеша во врвот. Шансата за вакво нешто многу брзо ќе ја има Работнички, кој почнувајќи од 5 ноември има серија од три дуели против „големата тројка“. Прво го пречекуваат Вардар, па и гостуваат на Шкендија, а во 15. коло му се домаќини на Металург. Ова воедно ќе биде и најголемата шанса за „романтичарите“ да го обелат образот по лошиот почеток на сезоната, но и можност на лидерите да ја зацементираат својата фаворитска улога сезонава.
Bookmark and Share Објавена на: 26/10/2011 11:26

 
 

Време

Last update 18/05 23:49