Вечерва во 20:30 часот, ќе се одржи натпреварот помеѓу Македонија и Русија.

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ќе го одигра четвртиот натпревар во циклусот квалификации за пласман на ЕП во 2012 година. Во Скопје на „Филип Втори“, на Македонија ќе и гостува првиот фаворит во Б групата, Русија.
На претходните три средби, „црвено-жолтите“ загубија од Словачка, ремизираа со Ерменија и го победија аутсајдерот Андора. Русија има победи против Андора и Република Ирска во Даблин и домашен пораз од Словачка.
Познато е дека селекторот на македонската репрезентација, Мирсад Јонуз, поради повреди нема да може да смета на Пандев, Попов и Тасевски. Во отсуство на Пандев, капитенската лента ќе ја носи Величе Шумуликоски кој во новата сезона се врати во шампионатот на Русија.
„За квалитетите на Русија не треба многу да се зборува, силна репрезентација чиј лидер е Аршавин. Можеме до добар резултат само ако секој од нас го даде својот максимум. Сите кои ќе истрчаат на теренот ќе треба да ја испочитуваат тактичката поставеност на селекторот“, вели Шумуликоски.
Русија во Скопје допатува во полн состав, со исклучок на напаѓачот на Тотенхем, Роман Пављученко. Белгискиот стратег на клупата на „зборнаја“, Дик Адвокат најави игра без калкулации и победа на неговиот тим.
Самодовербата на Русите која беше разнишана по домашниот пораз од Словачка, повторно е на највисоко ниво по петочната победа во Даблин.
Покрај натпреварот во Скопје, во Б квалификациската група, вечерва ќе се одиграат натпреварите Словачка-Република Ирска и Ерменија-Андора.
Натпреварот Македонија-Русија на „Филип Втори“ започнува во 20:30 часот.