Бранителот на европската фудбалска круна Интер ќе му гостува на холандскиот шампион Твенте

Со натпреварите во групите А, Б, Ц и Д, вечерва започнува фазата по групи во најпрестижното клубско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите.
Бранителот на титулата Интер, одбраната на титулата ќе ја започне со гостувањето кај холандскиот шампион Твенте. Во оваа А група, покрај мечот Твенте-Интер ќе се одигра и натпреварот Вердер-Тотенхем.
Во Б групата, Олимпик Лион ќе ја пречека екипата на Шалке 04, двете екипи очајно ги отворија новите сезони во националните првенства. Во вториот натпревар од оваа група Бенфика ќе го нагости тимот на Хапоел од Тел Авив.
Дербито на вечерта во рамките на Ц групата ќе го одиграат Манчестер Јунајтед и Глазгов Ренџерс, на вториот меч, дебитантот во елитата Бурса ќе ја пречека Валенсија.
Во Д групата, Барселона по првенствениот пораз од Херкулес, рехабилитација ќе бара против Панатинаикос. На вториот натпревар од групата, во главниот град на Данска, Копенхаген ќе го пречека Рубин од Казањ.
Во новото издание на Лигата на шампионите Македонија ќе има двајца претставници. Горан Пандев го носи дресот на актуелниот европски шампион Интер, додека во елитата ќе игра и Александар Лазевски член на белградски Партизан.