ФИФА ќе ги испита тврдењата околу лажната репрезентација на Того.
Светската фудбалска асоцијација ќе ги испитува наводите за лажната репрезентација на Того која одигра пријателски натпревар со Бахреин на почетокот на овој месец.
Натпреварот заврши со 3:0 за Бахреин, кој беше многу изненаден со лошиот квалитет на тогоанските играчи. Того подоцна изјави дека никогаш не го испратиле националниот тим на стадионот во Рифа на 7 септември.
Двете земји истражуваат како можело ова да се случи.
Фудбалската асоцијација на Бахреин вели дека натпреварот беше договорен според вообичаени официјални процедури и преку агент кој што го знаеле со години наназад.
“Сè изгледаше добро, додека не дознавме дека некои луѓе се прашуваат околу играчите и тимот на Того”, рекол портпаролот на Фудбалската асоцијација на Бахреин, додавајќи дека ги добиле сите официјални документи за натпреварот вклучувајќи ги и патните исправи на играчите.
Сè уште постои можноста дека фудбалскиот агент лажно се претставил како застапник на тогоанската репрезентација. Тој му понудил натпревар на Бахреин со репрезентацијата на Того во рамки на припремите за првенството на западна Азија.
За репрезентацијата на Бахреин овој натпревар беше изгубено време и можност да се види подготвеноста на тимот.