Пред средбата со гигантот Ливерпул

“Шансите да се победи се сведени на минимум, но убаво би било да биде нерешено”



Ако до скоро Рома беше најјакиот фудбалски тим кој заиграл на теренот на фудбалскиот стадион, арената Филип втори во Скопје, сега дефинитивно тоа е англискиот премиерлигаш Ливерпул.  Ливерпул ќе се соочи со Работнички, нашиот претставник во најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.  Работнички нема што да загуби во 3. квалификациско коло, меѓутоа може да добие многу доколку одигра нерешено на првиот дуел во Скопје.


Зоран Стратев, предводникот на Работнички, е свесен за квалитетите на неговите фудбалери, а свесен е и за реномето кое го има петкратниот европски клупски шампион и најтрофеен клуб во англиската Премиер лига.  Тој признава дека се навистина мали шансите да се изненади противникот, сведени се на теорија.


“Го исполнивме претходното ветување дека ќе ја елиминираме Мика.  Сега не можеме да дадеме такво ветување.  Мали се шансите да го изненадиме големиот Ливерпул.  Сепак постои мала надеж.  Сите се заслужни за овој успех, но најмногу се фудбалерите.  Ова е шлаг на тортата.  Се надевам дека од сега ќе има повеќе вакви натпревари во годината.  Знаеме се за противникот.  Не се оптоваруваме, во релаксирана атмосфера го дочекуваме стартот на дуелот.  Можам да ветам дека ќе го дадеме максимумот” - изјавува Стратев и дополнува дека за него позитивен резултат ќе биде и ако дуелот заврши без победник.


“Очекувам голема поддршка од нашите верни фанови без разлика каков ќе биде конечниот резултат.  За мене позитивен резултат ќе биде и ако дуелот заврши без победник.  И тие се од крв и месо, играме 11 на 11” – вели Стратев.


И капитенот на Работнички, Никола Глигоров, изјави дека ќе се даде максимумот, укажувајќи на тоа дека се одржува континуитетот во европските натпреварувања, а тимот покажал дека може да се носи и со поквалитетните противници. 


“Ливерпул е голем фаворит и мали се шансите да направиме позитивен резултат.  И да загубиме, со кренати глави ќе си заминеме од стадионот.  Можам да ветам дека ќе го дадеме максимумот.  Никогаш не била поубава атмосферата во нашата соблекувална.  Сите сме опуштени и релаксирани.  Посакуваме Ливерпул да истрча со најсилниот состав.  Да се испробаме, да видиме до каде сме.  Ова е голем ден за Работнички и за Македонија” - изјави капитенот Глигоров. 


Стратев, потврди дека нема да има некои големи измени во составот кој ќе игра со големиот фаворит од Англија.


“Нема да има големи измени кога е во прашање почетниот состав.  Иста ќе биде и тактиката, ќе играме со формација 4-3-3.  Шанса ќе добијат: Богатинов, Фернандо, Димовски, Секуловски, Белица, Глигоров, Туневски, Тодоровски, Зе Карлос, Фабио и Вандаир” - изјави Стратев.

Bookmark and Share Објавена на: 28/07/2010 23:51