Одлуката на Меѓународниот суд на правдата покажа дека Грција нема право да стави вето на отворањето на пристапни преговори со Македонија. Советот под итно треба да ги следи препораките на Европската комисија(ЕК) и на земјата да и додели датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Ова е ставот на поранешниот романски министер за правда Моника Маковеј, која очекува Грција да ги почитува обврските што произлегуваат од меѓународното право.
„Двете држави имаат единствена можност да седнат на маса, да заборават на минатото и да го решат проблемот со името. Пресудата на Судот ја расчисти атмосферата и сигнализираше дека преговорите треба да излезат од ќорсокакот, така што власта ќе може да продолжи со европската агенда. Потребно е двете земји, и Македонија и Грција, да се договорат за заедничко прифатливо решение", смета Едвард Кукан, копретседавач на делегацијата на Европскиот парламент за Југоисточна Европа и поранешен министер за надворешни работи на Словачка.
За Мартин Каслер, член на мешовитата парламентарна делегација на ЕП во Македонија, треба да се гледа кон заедничката иднина во Европа.
„Апелирам до Грција да ја прекине изолацијата и да испрати сигнал на помирување. Време е владите во Атина и Скопје да седнат на тркалезна маса во Брисел, под покровителство на еврокомесарот за проширување Штефан Филе", рече Каслер.