Заврши состанокот за Стабилизација и асоцијација на Македонија и ЕУ во Брисел

На седмиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација беше соопштено дека Европската комисија не ја менува позитивната препорака од минатата година за отпочнување преговори за влез на Македонија во ЕУ. Ова го соопшти еврокомесарот за проширување Штефан Филе, по завршувањето на состанокот.
“Ова беше многу важен и значаен состанок во многу битно време, бидејќи ние се трудевме да најдеме одговор на прашањето дали процесот на исполнувањето на реформите во Република Македонија е успорен или не. Морам да признаам дека состанокот беше позитивен во смисла на тоа дека се уверивме дека нема заостанување во реформите и има нов моментум во реформскиот процес” - изјави Фуле на прес-конференција.
Сепак беше укажано дека реформите мора да продолжат и беа посочени насоките во кои треба да се одвиваат истите.
„На почетокот на оваа година имаше загриженост заради намалувањето на интензитетот на реформскиот процес. Затоа употребивме повеќе рамковни решенија, искрен и отворен дијалог со нашите пријатели и колеги и ги идентификувавме клучните области и чекори кои во нив треба да бидат преземени“ – дополни Филе.
Прв на листата на работите кои треба да се подобрат во земјава беше политичкиот дијалог. Комисијата потенцира дека тука одговорноста е подеднаква и за власта и за опозицијата. Следуваат реформите на јавната администрација, судството, борбата со корупцијата, човековите права и подобрувањето на бизнис климата.
И овој пат беше потенцирано, што побрзо да се изнајде решение за спорот со Грција за земјата да добие датум за преговори за членство со Унијата.
Македонската страна покажа задоволство од денешниот состанок, при што министерот за надворешни работи Антонио Милошоски потврди дека 6-те поставени клучни полиња за работа се совпаѓаат со домашните приоритети. За спорот со Грција, ја потврди желбата за изнаоѓање на прифатливо решение и конструктивност на двете страни. Шефот на дипломатијата истакна дека Македонија ќе го продолжи партнерскиот однос со ЕК за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ.
За нас е од особено значење тоа што беше повторена подршката од стана на Европската Унија да продолжиме со сите реформски процеси и на еден фер и објективен начин беше оценето се она што досега е постигнато - изјави вицепремиерот Наумовски.
Македонија доби пофалба за прогресот во остварувањето на клучните приоритети за кои доби и визна либерализација како и за регионалната соработка, учеството во мисијата АЛТЕА во Босна и демаркацијата на границата со Косово.