Реге-пејачот почина вчера во својот дом во Кингстон, Јамајка, на 59-годишна возраст.
На реге-пејачот Грегори Ентони Ајсак пред една година му беше дијагностициран рак на белите дробови, но таканаречениот „Кул Рулер“ (Cool Ruler), или „Лонли Лавер“ (Lonely Lover), настапуваше сè до пред неколку недели, и покрај својата болест.
Грегори Ајсак беше еден од најпознатите реге-музичари во светски рамки и еден од иноваторите на реге-правецот наречен лаверс рок. Се прослави во седумдесеттите години од минатиот век пеејќи реге-балади и соработувајќи со најдобрите ритам реге-музичари, Слај Данбар и Роби Шекспир.
Негова најпозната песна е „Night Nurse“, испеана во 1982 година, песна на која сè уште се прават ремикси и сè уште е актуелна на реге-журките низ светот. Инаку, има објавено повеќе од 500 албуми, но повеќето од нив се компилации.
Ајсак е познат и по тоа што честопати беше во затвор, најчесто поради косумирање кокаин, а во екот на неговата слава беше обвинет за убиство, но поради немање доволно докази беше ослободен.