14 книги беа потребни за да се соберат најавуваните одбрани дела на Бранимир Џони Штулиќ.

Делата се всушност препеви на Штулиќ на Хомеровите "Илијада" и "Одисеја," "Херодотовите истражувања," "Историја на пелопонеските војни" на Тукидид," како и книгата "Александријада," која Штулиќ ја дефинира како биографија на Александар Македонски. Препевите се на балкански јазици и наречја.
Целата соработка меѓу Штулиќ и издавачката куќа "Плато" започнала по еден разговор меѓу Џони и основачот на "Плато" Бранислав Бане Гојковиќ.
"Седнав во автомобилот и отидов кај Џони во Холандија, каде го затекнав опкружен со ракописи. Штулиќ ги 'преведе' античките дела на свој начин, затоа што заклучил оти никој не ги прочитал како што треба," изјавил Бранислав Бане Гојковиќ, основач на српската издавачка куќа Плато, под чија етикета излегува пакетот.
Објаснува дека по желба на Штулиќ, собраните дела нема да се продаваат поединечно, туку исклучиво како пакет по цена од околу 8.200 денари. Двојното ЦД со музика на Азра ќе се продава во ограничен тираж од 500 копии. На дисковите се настапите во живо во Мостар и Бања Лука во 1990-та, како и пар изведби на народни песни.
Како дел од промоцијата се организира и проектот "Штулиќ во илегала," кој според авторката Тања Малеванов, преставува "нов пристап кон промоцијата на книжевните дела." Учеството во овој проект меѓу другите го најавија и Бранислав Лечиќ, Сергеј Трифуновиќ, Драган Илиќ и Горица Нешовиќ, Рамбо Амадеус и Веља Павловиќ.
Водачот на еден од највлијателните рок бендови на овие простори, со почетокот на војните во поранешната држава замина во доброволен прогон во Холандија, каде сe уште живее и од каде нема намера да се враќа.
Албумот "Блејз" е последната музика на која во 1998-та Штулиќ се потпиша, за во 2005-та да се појави со автобиографската поезија, "Смијурија у мјерама."