По повеќе од шест децении во модниот бизнис, дизајнерот Пјер Карден ја продава својата компанија.
По повеќе од шест децении во модниот бизнис, дизајнерот Пјер Карден го стави натписот „се продава“ на прозорецот на својата компанија. На овој чекор се одлучил поради годините кои го „притискаат“.
88-годишниот Карден кажа дека сака да го продаде својот бизнис за да се осигура дека истиот ќе го надживее него. „Сакам да го продадам сега. Знам дека нема да бидам тука за некоја година, а бизнисот мора да продолжи“, изјави тој во интервју за Wall Street Journal.
Сумата, која основачот на модниот бренд ја бара, е милијарда евра (1.46 милијарди долари). Експертите проценуваат дека истиот вреди околу 200 милиони евра, но поради недостатокот од финансиски информации, ништо не може да се потврди со сигурност.
Пјер Карден вели дека нема точни информации околу тоа колкава е годишната продажба на неговата компанија, која опфаќа околу 400 лиценци ширум светот, но вели дека како и да е, таа е непроценлива.
Дизајнерот се обиде да го продаде својот бизнис и пред неколку години, но тогаш никој не одговори на неговата понуда од 500 милиони евра. Што ќе направи овој пат, останува да видиме. Единствениот услов, освен високата сума, кој го има Карден е да остане креативен директор на фирмата, поради, како што вели тој, добриот имиџ на брендот.
Инаку, Пјер Карден ја основаше својата компанија во 1950. година. Во 1978. година беше првиот дизајнер кој работел и на кинескиот пазар. Познат е по својот авангарден стил и геометриски форми и мотиви, често игнорирајќи ја „женската“ форма.