Василевски нов директор на „Охридско лето“, Палоши на Националната галерија

Васко Василевски е избран за директор на Националната установа „Охридско лето", а Халиде Палоши на Националната галерија на Македонија, информираат од Министерството за култура.

Василевски, како што информираат од Министерството, во предложената програма нуди предлози за подобрување на техничката опременост и организациското поставување на фестивалот, како и програмско зајакнување, пласман на фестивалот преку маркетиншки активности, техничко унапредување на постојните сцени, како и дополнување со нови.

Во однос на програмата на Палоши, пак, се вели дека таа дава предлози за развој и унапредување на основната дејност на Националната галерија на Македонија, во насока на реализација на активности поврзани со изложбената и музејската дејност, во чиј контекст е и грижата за културното наследство, како и промотивни активности.

Палоши во својата програма се осврнува на изложбените капацитети на установата во рамките на нејзините три простори: Даут-пашин амам, Чифте амам и мултимедијалниот центар „Мала станица", како силен потенцијал за интензивирање на изложбените активности.

Истовремено е предвидена и соработка со сродните институции, како во Македонија, така и на меѓународно ниво, преку ликовно претставување на нашите автори во странство.

Bookmark and Share Објавена на: 07/12/2011 07:53

 
 

Време

Last update 18/05 22:49