Заедничката песна на нашиот најдобар хип-хоп изведувач Тони Зен и белградската група Маракуја, нумерата „Говор Тела“ го доби своето видео издание.

Спотот за песната чиј автор е Марко Стојановиќ- Луис, со аранжман на групата Маракуја, и заеднички текст на Lou Benny, Струка и Тони Зен, беше снимен пред два месеци во центарот на Белград и во студиото на режисерот Радоје Јачевиќ. Нашиот Тони тогаш изјави дека за време на снимањето се уверил во професионализмот на тимот на Јачевиќ на кој најважна му е уметноста.
Спотот за песната која се наоѓа на албумот на Маракуја „Савршен Дан“ е само најава за „Интимните односи“ на Тони и Маракуја во кои тие ќе се внесат на 29-ти декември во Универзалната Сала во Скопје, кога како што претходно најавија ќе одржат заеднички концерт.
„Концертот на 29-ти декември ќе биде многу поразличен од оние кои досега сте ги следеле и гледале од мене. Овој ќе биде поинтимен и со многу душа, а тоа ќе го почувствува и самата публика во салата“ - изјавува Тони.
Подготовките околу самиот концерт се веќе во тек, па матичната куќа на Тони која е организатор на истиот, Симплисити Продукција, најавува едно поинакво, поинтимно дружење пред Новата година, со Тони и Маракуја и нивните гости.