„Метрополис“ на Фриц Ланг во МОБ на Светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство

Филхармонијата ќе ја предводи диригентот Хелмут Имиг, кој го диригирал овој проект низ многу светски градови
Со проекција на култниот филм „Метрополис“ од 1927 година на режисерот Фриц Ланг и музичката изведба на Македонската филхармонија според оргиналните партитури на Готфрид Хупертс и под диригентската палка на Хелмут Имиг, задутре во Македонската опера и балет ќе биде одбележан 27 октомври, Светскиот ден на заштита на аудиовизуелното наследство, прогласен од УНЕСКО.

Директорот на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓорговска Илиевска денеска на прес-конференција рече дека првпат во Македонија организираат ваква филмска проекција каде прикажувањето на „Метрополис“ ќе биде заедно со музичката изведба на Македонската филхармонија.

- Проекцијата се случува само една година по премиерната проекција на филмот на Берлинскиот филмски фестивал. Станува збор за реставрираната филмска копија на филмот „Метрополис“ и негова целосна верзија. Целосната верзија на филмот беше најдена во Филмскиот архив во Буенос Аирес која беше реставрирана. Имаше проекции и во повеќе европски земји, посочи Ѓорговска Илиевска.

Таа потенцира дека веќе петта година по ред Кинотеката на Македонија го одбележува овој значаен ден, а годинава одлучиле да стават акцент на уште еден есенцијален сегмент од областа на заштитата на аудиовизуелното наследство - одбележувањето на значајноста, на чувањето, заштитата, реставрацијата, и на презентацијата од аспект на достапноста на колекциите на филмските архиви до публиката.

- Деновите на заштита на аудиовизуелното наследство продолжуваат од 28 октомври во Кинотеката на Македонија со одлична селекција на она што се нарекува нем филм, зародиш на филмската магија. Продолжуваме со филмови од француската авангарада, потоа следуваат три дена на неми фимови од Југоисточна Европа итн. Сите проекции ќе бидат со музичка придружба, додаде Ѓорговска Илиевска.

Раководителот на Канцеларијата за врски на Гете-институтот во Скопје, Томас Дикхаус посочи дека околу 80 проценти од ова наследство односно најраните продукции на неми филмови се неповратно изгубени, но, како што рече, за среќа се прават сензационални откритија, како што беше и она со изгубените делови на „Метрополис“ откриени во Аргентина.

Директорот на Македонската филхамонија Маја Чанаќевиќ истакна дека филмот кој трае 145 минути, е една исклучителна тешка и напорна партитура особено за дувачкиот дел од оркестарот и претставува голем предизвик.

Диригентот Хелмут Имиг рече дека ја диригирал музиката и за старата верзија од филмот која, според него, била потешка.

- Секој може да го диригира тоа, меѓутоа никој по 20-ти пат, додаде Имиг.
Bookmark and Share Објавена на: 26/10/2011 10:24

 
 

Време

Last update 18/05 22:49