Милчо Манчевски за списанието на Венецискиот филмски фестивал

Создавам нешто поинакво, кое ќе допре до гледачите

Милчо Манчевски, македонскиот добитник на престижниот „Златен лав“ за најдобар режисер за филмот „Пред дождот“ (кој беше номиниран за „Оскар“ и беше вброен на листата со 1.000 најдобри филмови според „Њујорк тајмс“), во неодамнешното интервју за списанието на Венецискиот филмски фестивал, „Мостра“, отворено дискутираше за своето епско ремек-дело од 1994 година и неговиот последен филм „Мајки“, но и за актуелните случувања во филмската уметност.

На блогот на еден од најстарите и најистакнатите филмски фестивали во светот, Манчевски е најавен како автор на филозофските и поетски, но и сугестивни и визионерски наслови како „Мајки“ (2010), „Сенки“ (2007) и „Пред дождот“ (1994) кои се сметаат за авангардни експериментални искуства, во кои се мешаат реалноста и фикцијата, традицијата и модерната доба, убавината и хоророт.

Во однос на неговиот препознатлив триптих - стил на обликување на филмската сторија, кој е присутен и во неговиот последен филм „Мајки“, Манчевски вели дека не постои никаков симболизам, туку едноставно тој чувствува дека така треба да биде.

- Имам чувство дека тоа е во ред. Не се работи за нешто рационално, ниту пак однапред испланирано сценарио во кое велам „еурека“. Потребна ми е триделна структура, а 3, пак, не е некаков магичен број. Едноставно, се работи за извесен баланс и стабилност. Исто така, се нуди разновидност, што не може да се обезбеди во случајот на еден или два наративи. Вака постојат повеќе можности за комбинација. Не ги сакам конвенциите, кои не задушуваат и како артисти и како луѓе, па затоа уживам да си играм и да создавам нешто поинакво, кое сепак ќе допре до срцето на гледачот - вели Манчевски.

Во однос на својот нелинеарен стил на раскажување, Манчевски честопати го споредуваат со Гиљермо Ариага и Квентин Тарантино зашто ја предизвикува традиционалната ригидна шема на градење на приказната, со цел да се обезбеди несекојдневна емотивна турнеја. Тој смета дека наративниот филм е стиснат во чевли кои се помали за три броја, односно рамка од два часа - почеток, средина и крај. Тука, секако, се и главните и споредните карактери, како и обединувачката тема. Во сето тоа губи уметноста зашто најважна е заработувачката.

- Ако единствената цел се парите, тогаш тоа по дефиниција не е уметност. Не велам дека е полошо или подобро, но не е уметност. Целта на уметноста е да прави убава уметност.

Bookmark and Share Објавена на: 12/09/2011 07:42

 
 

Време

Last update 18/05 22:49