Во Битола 32. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
Директорот на Фестивалот, Лабина Митевска денеска на прес-конференција рече дека „Браќа Манаки“ - Битола е најстар и најзначаен филмски фестивал во Република Македонија, посветен на великаните на филмската камера.
- Главната програма на Фестивалот има 10 до 12 филмови, а главен селектор е Благоја Куновски. Фестивалот како и секоја година ќе се одржи во Центарот за култура во Битола. Огромна чест ни е како и секоја година што покровител на Фестивалот е претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, истакна Митевска.
На Фестивалот покрај главната програма ќе бидат застапени програмите нови визии, документарната и детската програма. Од оваа година во програмата нови визии ќе биде доделена наградата на градот.
Официјален партнер на Фестивалот е ВИП оператор, чиј главен извршен директор Никола Љушев изрази задоволство од соработката со Фестивалот и уверување дека овогодинашното издание на Фестивалот ќе биде поуспешно од минатогодишното.
Официјалната програма на 32. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“-Битола ќе биде објавена во септември. Денеска е отворена и веб страница www.manaki.com.mk каде се отворени апликациите за пријавување на учество на разните програмски активности на Фестивалот.