Каков треба да биде новиот премиер?!

Црвенковски и Рамковски на таен состанок го “склопувале” ликот на идеалниот премиер



Весникот Вест во својот вчерашен број објави дека лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, и Велија Рамковски, сопственик на телевизијата А1, викендов оствариле тајна средба.  За време на заедничкиот ручек во еден хотел во Охрид, лидерот и бизнисменот разговарале за тоа какви карактеристики треба да има идниот премиер на државата.  Рамковски ги потврдил овие тврдења.


"Да,се видовме со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во Охрид.  Разговаравме за многу работи.  За економската криза, која е поголема отколку што се прикажува. Разговаравме за тоа каков треба да биде идниот премиер" – изјавил Рамковски за Вест. 


На прашањето дали Црвенковски ќе биде идниот премиер, Рамковски одговорил вели дека лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски нема да биде премиер доколку СДСМ евентуално, победи на идните избори, било да се вонредни или редовни.


“Црвенковски нема да биде премиер туку ќе бара човек што ќе може да ја извади земјава од големата криза.   Новиот премиер треба да биде стопанственик, кој добро ја знае економијата, буџетот” - изјавил Рамковски.


Овој профил можеби повеќе потсетува на профилот со кој Рамковски сака да се претстави пред македонската јавност, па Вест прашува дали евентуално, тој треба да биде новиот македонски премиер,  Рамковски на тоа одговара дека не сакал, иако добро ја знаел економија, и посебно креирањето буџет.


За Вест и Црвенковски ја потврдил информацијата за остварената средба, но не споделил многу детали.


"Во неделата во Охрид, со Велија Рамковски и со уште неколку други луѓе имав ме пријатен кафе-муабет на најразлични теми.  Немам намера во јавноста да коментирам што било од ваквите релаксирани и незадолжителни разговори" - изјавил Црвенковски. 


На прашањето дали тој ќе биде премиер, доколку СДСМ победи на наредните избори, било редовни или вонредни, Црвенковски вели дека неговиот став е познат и повеќепати соопштен во јавноста. 


"Дали јас сум кандидат или не за премиер во идната влада на СДСМ, и ако евентуално не сум, каков профил на личност треба да биде е нешто за што во партијата ќе се одлучува тогаш кога за тоа ќе дојде вистинскиот момент.  Одлуката ќе биде, пред сe, мотивирана од процената како посигурно и побрзо да се постигне главната цел, а тоа е што поскоро запирање на погубните политики на актуелната власт и создавање можности за излегување од длабоката криза и безнадежност" -  потенцира лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски. 


Велија Рамковски неколку пати неуспешно се обиде да се наметне како фактор на политичката сцена.  Во 2006-тата заедно со неговата партија за економска обнова не успеа да стане пратеник во македонскиот парламент.  Политичките аналитичари оваа средба со Црвенковски ја толкуваат како обид на Рамковски преку СДСМ да дојде до врвот на политиката.

Bookmark and Share Објавена на: 27/07/2010 23:27