Во предворјето на Св.Софија во Охрид, вечерва со почеток во 21 часот публиката ќе има можност да ја проследи изведбата на врвните руски виолинисти и Македонската филхармонија.

Солисти ќе бидат виолинистите Виктор Третјаков и Наталија Лихопои, а заедно со нашиот оркестар ќе изведат дела од Бах, Брух, Прокопиев и од Бетовен. Ќе диригира светски познатиот виолинист, маестро Павел Коган. Настапот e рамките на "Охридско лето 2010".
Третјаков настапувал речиси со секој поголем светски оркестар. На само 19 години ја освоил првата награда на меѓународниот натпревар „Чајковски“.
„Неговиот единствен стил е поддржан од неговата непогрешлива техника и длабока музичка проникливост, креирана со експресивно фразирање“ - стои во фестивалскиот каталог. Тој ги претпочита романтичарските концерти на Брамс, Менделсон, Чајковски. Пред некоја година го добил орденот за служење на татковината, како и државните награди „Шостакович“ и „Глинка“.
Лихопои со највисоки оценки дипломирала на Конзерваториумот во Москва. На многу светски натпревари таа ги освојувала првите награди.
„Програмата на утрешниот концерт што ќе ја изведат Третјаков и Лихопои ќе се состои од Концерт за две виолини од Бах, Првиот виолински концерт на Брух во Г-минор, како и две мошне познати дела за оркестар - Недовршната осма симфонија на Шуберт и Увертурата во „Оберон“ од Вебер“, рече диригентот Коган. Светски познатиот виолинист, маестро Павел Коган го изрази своето задоволство што на овој начин продолжува соработката со Македонската филхармонија, со која првпат настапил пред 25 години.