Да се прекинат преговорите за името!

Промовиран почетокот на кампањата “Никој нема право да преговара за моето име"



Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада (ММДЧП) и Македонската алијанса, го промовираа почетокот на кампањата "Никој нема право да преговара за моето име".


“Македонија да ги прекине преговорите со Грција, да покаже дека не е подготвена на компромис за името и дека нема намера да го менува” - порачаа претставници од овие здруженија.


Координаторот на ММДЧП, Славко Манговски, и лидерот на Македонска алијанса, Џорџ Атанасоски, сметаат дека Грција сака да ги уништи македонскиот јазик и идентитет и истакнуваат дека воопшто не е демократски што ЕУ и НАТО ги преземаат нејзините позиции и од нас бараат да исполниме дополнителни услови за членство.


“Ние се залагаме за влез во ЕУ и НАТО, но без дополнителни услови како што е промената на името.  Преговорите треба да прекинат зашто со тоа покажуваме дека сме подготвени на компромис што не е точно.  Мора да покажеме дека за идентитет никој не преговара” - нагласи Манговски.


Атанасовски осврнувајќи се на економската сотуација, оцени дека за потенцијалните странски инвеститори не е најважно дали една земја е членка на ЕУ или НАТО.  За нив е важно колку добро функционира таа земја, особено во однос на законодавството и администрацијата.


“Подобро да се фокусираме на економската состојба, од Македонија да направиме Швајцарија, да ги спроведеме сите реформи посебно во судството.  Само тогаш странските инвеститори нема да ја заобиколуваат државата, независно дали е дел од НАТО или ЕУ” – вели Атанасоски.  Атанасоски тврди дека дијаспората и помага на Македонија во подобрувањето на економијата.  Според него годишно се испраќаат по 1,2 милијарди евра од кои живеат околу 160.000 семејства.


“Македонците тука и во странство се на исто мислење, преку 95 %, не се за промена на името” - потенцираа уште еднаш организаторите.


Кампањата на ММДЧП и Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (www.macedoniahr.org.au), беше промовирана на 7-ми овој месец.  Ја поддржуваат околу 40 организации и индивидуалци. 

Bookmark and Share Објавена на: 29/07/2010 00:04