Укинат му е притворот на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер, јави вечерва Хрватската радиотелевизија (ХРТ).

Неговиот адвокат Чедо Продановиќ потврди дека Санадер излегува од притвор на 12 декември.
ХРТ наведува дека неофицијално е потврдено дека Уставниот суд прифатил кауција за Санадер од 12,4 милиони куни (околу 1,66 милиони евра).
На поранешниот хрватски премиер притворот му беше одреден уште на 9 декември минатата година заради опасност од бегство и влијаење врз сведоците во случајот „Фими медија", но тој истиот ден ја напушти Хрватска. Подоцна се бранеше дека не побегнал.
Уапсен е еден ден подоцна во Австрија каде што седум месеци помина во притвор во Салцбург. Во Хрватска беше екстрадиран на 18 јули и од тогаш се наоѓа во притвор во Загреб.
На Иво Санадер му се суди пред Жупанискиот суд во Загреб за воено профитерство, односно земање провизија од австриската Хипо банка. Во истата постапка му се суди и за наводно земање 10 милиони евра мито од МОЛ за препуштање на управувачкиот пакет во хрватска Ина на унгарската нафтена компанија.