КФОР се приближи до барикадите!
Србите од северот на Косово, по разговорите во Белград, ги засилуваат барикадите и со неизвесност го очекуваат договорот на своите лидери. Во меѓувреме, КФОР го зголемува бројот на своите војници во тој регион и се приближува кон барикадите со специјалните инженериски возила наречени "јазовци" за уривање секаков вид пречки. Едно од нив, вчера беше поставено на околу 20 метри од барикадите кај местото Јагњеница.
Неизвесно е дали КФОР врши прегрупирање на своите сили, или има намера да тргне во уривањето на барикадите, каде веќе се собрале поголеми групи Срби кои мирно го очекуваат следниот потег на меѓународните сили.
Вчера, речиси во исто време, на барикадите дојде командантот на КФОР Ерхард Древс и неколку десетици Козаци од братството од Урал, предводени од Константин Крилов, кои со себе ја донесоа и големата табинска икона на Пресвета Богородица. Со неа сакаа да му оддадат поддршка на српскиот народ на барикадите. Притоа беше служена заедничка молитва, а Крилов истакнал дека нивната посета на Космет сведочи за грижата на рускиот народ кон своите собраќа од јужната српска покраина и несебичната поддршка која ја имаат во Русија.