Генерал Ратко Младиќ утре ќе се изјасни дали се чувствува виновен или невин по обвиненијата што се покренати против него.
Генерал Ратко Младиќ утре за прв пат ќе се појави пред судиите на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, за да се изјасни дали се чувствува виновен или невин по обвиненијата што се покренати против него, соопштуваат српските медиуми.
Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц вчера соопшти дека Младиќ ќе застане пред судскит совет во 10 часот по српско време.
Обвинителниот акт против Младиќ беше променет неколку пати, за последен пат на 27 мај. Место по 15 точки во обвинението, тој ќе одговара за 11 точки за геноцид, злосторства против човештвото и нарушување на воените закони за време на конфликтот во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
Промените се поврзани главно со „синхронизирањето на обвинението против Младиќ со тоа против Радован Караџиќ“, поранешниот политички лидер на босанските Срби, рече портпаролката на Трибуналот Нерма Јелачиќ.
Таа, меѓутоа, прецизира дека досега обвинителството не побарало обвинителните акти против Караџиќ и Младиќ да бидат обединети, посочувајќи дека информациите во весниците за тоа се „само шпекулации“.
Меѓународниот триубнал за воени злосторства во поранешна Југославија го назначи Александар Алексиќ за службен адвокат на Младиќ за време на неговото утрешни прво појавување пред судот.