Обид за намалување на огромниот јавен долг на Грција.
Грција ќе му го продаде останатиот дел од своите акции во телекомуникациската компанија ОТЕ од десет отсто со активирање на претходно склучениот договор со германскиот „Дојче телеком“, изјави анонимен извор од грчкото Министерство за финансии.
Министерот за финансии на Грција Јоргос Папаконстантину утрово одржа состанок на тема продажба на акциите во ОТЕ со претставници на германската компанија, која моментално поседува околу 30 отсто од акциите на грчката групација.
Продажбата на акциите е дел од планот за приватизирање на државната сопственост во обид за намалување на огромниот јавен долг на Грција од 350 милијарди евра.
Медиумите објавија дека согласно договорот со компанијата ОТЕ од 2008 година, „Дојче телеком“ е обврзана да ги купи 10 отсто акциите на грчката фирма по однапред определена цена која ќе биде 15 процени повисока од просечната вредност на акциите во изминатите 20 дена од тргувањето на Атинската берза.