Двајца загинати во силен земјотрес во Србија

Брачен пар на возраст од околу 50 години загина откако врз нив се урнал покривот на куќата како последица на силниот земјотрес кој ноќеска во 1 часор и 56 минути го погоди српскиот град Краљево. Стотина граѓани се повредени, а од честите помали потреси жителите на Краљево не се враќаат во своите домови.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ најави дека е пристигната потребната помош за санирање на последиците од земјотресот кој бил со силина од 5,4 степени според Рихтеровата скала.
Во одделни квартови на градот во кој живеат околу 70 илјади жители, нема струја, вода и прекинати се телефонските линии. Предизвикана е огромна материјална штета. Сериозно е оштетена болницата во Краљево, особено хируршкото одделение, но за среќа нема жртви. Училиштата не работат.
Началникот на секторот за вонредни ситуации Предраг Мариќ изјави дека состојбата е под контрола и дека постепено се нормализира снабдувањето со електрична енергија.
По силниот потрес следеле уште дваесетина помали, а во наредните неколку часа можни се и нови потреси, но со значително послаб интензитет. Земјотресот ги вознемирил и жителите на Јагодина, Ужице и Ваљево, а почувствуван бил и во Белград и во Нови Сад. Со послаб интензитет, беше почуствуван и во нашиот главен град.
По помалку од два часа од потресот во Србија, земјотрес бил регистриран и во европскиот дел од Турција. Потресот бил со интензитет од 5,1 степен по Рихтер. Бил почувствуван на 50 километри од границата меѓу Турција и Грција, близу Едрене.