Зголемениот број жени на власт и промени во глобалната економска и политичка моќ се само дел од новите предвидувања.
Во наредните 40 години како никогаш порано, голем број на жени ќе дојдат на власт, муслиманите во се поголем број ќе емигрираат на Запад, глобалната моќ ќе се смени, а вработените нема повеќе да бидат заробени во канцелариите, стои во истражувањето кое го издаде консултантската фирма Toffler Associates, пренесува AFP.
Фирмата која е основана од Алвин Тофлер, футурист и автор на книгата Future Shock од 70-тите години, издаде нов извештај со кој би ја одбележала 40-годишнината од предвидувањата на својот основач. Тофлер пред 40 години предвидел дека технологијата ќе се развива толку брзо што голем број од луѓето нема да бидат способни да се справат со неа, дека парови од ист пол ќе се венчаат и дека бројот на насилства и еколошки катастрофи ќе се зголемува.
Во иднината која ја предвидуваат Toffler Associates бродските контејнери ќе се зголемат за да осигураат подобра понуда при доставувањето на набавките, а Суецкиот и Панамскиот канал ќе бидат "подобрени".
Се поголем број на луѓе ќе одгледуваат своја храна, а ширењето на брзиот Интернет ќе им овозможи на многу вработени да ги напуштат канцелариите и да ја водат својата работа од било кое место на светот.
Само мал број на земји ќе останат "непроменети", меѓу кои и Северна Кореа и Иран. Кина ќе се позиционира како глобална економска сила, која ќе се поврзе со Индија и Бразил заради манипулирање на валутите, додека пак Венецуела со африканските земји поради енергијата.
САД ќе бидат зависни од Кина заради 17-те ретки метали неопходни за производство на буквално се, од оружје до радари.
Христијанството брзо ќе се шири на југот на Земјата, а муслиманите во се поголем број ќе емигрираат на Запад, каде поради нивното присуство ќе дојде до промена на јавните ставови и политики.
Заради се постарото население побарувачката за медицинските услуги четири пати повеќе ќе се зголеми до 2050 година, а за американските лекари, државното здраствено осигурување за старите лица ќе исчезне во обликот каков што го знаеме денес.
Жените во поголемиот дел на светот ќе ги превземат водечките улоги во досега невидени размери, откако земјите ќе разберат дека "не можат да бидат успешни со само 50 проценти од населението кое учествува во донесувањето одлуки".