Најголеми губитници се САД, Грција и Шпанија.

Оние што вложуваа и рискираа најмногу, пројдоа најлошо. Така светската криза го намали јазот помеѓу развиените и неразвиените земји. Сепак тоа не ја поремети многу листата на земји каде благосостојбата е највисока.
“Најважниот резултат е дека финансиската криза сеуште не е совладана, што се однесува на вкупна сума на пари. Светското богатство кон крајот на 2009 година беше помало отколку пред кризата. Причина за тоа е пред сè, во релативно лошата ситуација во индустриските земји додека во земјите во развој ситуацијата е подобра”, вели Михаел Хајзе, главен економист во осигурителниот концерн Алијанц.
Тоа значи дека изминативе децении, заради таканаречена dot.com и глобалната финансиска криза која следеше, најмногу пари изгубија луѓето во индустриските земји. Тоа, исто така значи дека токму во тие земји најмногу е вложувало во акции и рискантни хартии од вредност. Најголеми губитници се САД, Грција и Шпанија.
Гледано од другата страна, со тоа се намалил јазот помеѓу богатите и сиромашните земји. Во почетокот на оваа деценија, богатството на индустриските земји беше 135 пати поголемо отколку во сиромашните земји – во меѓувреме таа цифра се намали на 45. “Во земјите на брзиот развој приметен е раст на средната класа. Во извештајот се констатира дека во светот има 560 милиони луѓе кои припаѓаат на богатата средна класа – но и тоа дека во меѓувреме половината од нив живее токму во тие земји, а не во класичните индустриски држави”, вели Хајзе.
Напредуваат Латинска Америка и Источна Европа
На ранг листата на најбогатите земји, ако богатството се смета по глава на жител, сеуште се наоѓаат истите имиња: Швајцарија е на првото место и тоа далеку пред сите останати. Потоа следат САД, Данска, Холандија и Јапонија. Германија се наоѓа дури на 16-тото место. “Во последната деценија богаството по глава на жител во светот, годишно растеше за 2.8 отсто. Тоа е помалку од стапката на инфлација која изнесуваше 3,4 отсто. Тоа значи дека реалното богатство во Германија во просек се намалило.”
Меѓутоа, во многу земји во развој и посебно во земјите со брз економски раст ситуацијата е спротивна. Така на пример, во изминатава деценија богаството по глава на жител во Латинска Америка годишно растеше за точно 13 отсто, а во источна Европа дури за 17 отсто.