Изворите на природните суровини може да пресушат порано отколку што се претпоставуваше.
Залихите на индиум, паладиум, злато и бакар веќе се при крај поради порастот на светското население и забрзаниот стопански развој на земјите како Индија и Кина, се зголеми и побарувачката на суровини.
Од тоа произлегува дека иднината е во рециклажата, во повторната употреба на суровините. Отпадот станува еден од најважните извори на суровини.
Индиумот е редок материјал, но незаменлив е во производството на телевизори, рамни екрани и екрани чувствителни на допир. Според проценките на стручњаците, резервите на индиум ќе се исцрпат за шест до десет години. Резервите на нафта, која е важен извор на енергија и основа на индустријата за вештачки материјали, ќе пресушат за околу шест до седум десетлетија. Природните извори на бакар, кој меѓудругото се користи и за производство на електронски уреди, можат да исчезнат за околу 30 години:
„Мораме едноставно да сфатиме дека изворите на суровини се ограничени. Тоа се гледа и по цените на суровините кои го следат трендот на пораст. Тоа, пак, е поврзано со порастот на побарувачката поради забрзаниот стопански раст на земјите во засилен индустриски развој, како што се Индија и Кина. Изворите на суровини се ограничени, па поради тоа секундарните суровини стануваат се´ поинтересни“ , вели Јерг Лахер од германското Сојузно здружение за секундарни суровини и згрижување на отпадот.
Повторната употреба, односно рециклирањето, е од животна важност за сиромашната со суровини Германија, која наспроти тоа, со години е на врвот на листата на светските извозни сили. Со оглед на се´ помалите природни резерви на суровини сосема е сигурно дека отпадот во иднина ќе биде најважниот ресурс. Тоа не се однесува само на Германија, туку и на остатокот од светот.
Од старите весници може да се добие бела, скапа хартија. Биоплинот се произведува од компост, а вистинско богатство се крие во електронскиот отпад.
Ремондис е германски гигант во собирањето на отпадот. Оваа приватна фирма се наоѓа во градот Линен, на реката Липе. Располага со бројни постројки со чија помош се сортира тој хаос од отпад, од кој се извлекуваат вредните суровини:
„Тоа е мноштво од најразлични материјали, правосмукалки, електронски уреди од сите видови, компјутери, машини за пишување, значи материјали кои се состојат од најразлични компоненти што се поврзани една со друга: пластика, метал, благородни метали. Тој материјал во постројките се иситнува, така што одделните компоненти се одвојуваат. На крајот на тој процес, во последната хала, можеме да видиме како одделни секундарни суровини се собираат во резервоари и одат директно во топилниците на индустријaта за челик“, објаснува портпаролот на „Ремондис“, Михаел Шнајдер. Тој додава дека „Ремондис“ е најголемиот центар за рециклажа во Европа.
Светската побарувачка за посебни метали и ретките руди, според проценката на стручњаците, до 2030 година тројно ќе се зголеми. Побарувачката на метали, како што се литиумот, индиумот, танталот или германиумот, расте поради развојот на новите технологии (батерии за автомобили на струја, оптички кабли и други модерни технологии).
На оваа гранка на индустријата наскорo и претстои процут. Згрижувањето на отпадот станува бизнис вреден милиони долари. На амбициозните земји во Азија и Латинска Америка многу им се потребни суровини, а ресурсите на Германија не можат да ги задоволат потребите. Иднината е значи во секундарните суровини. Така, како што тврди и Михаел Шнајдер, и секој мобилен телефон е неисцрпен извор:
„Во секој мобилен уред се наоѓаат околу 23 милиграми злато. Тоа е просечната вредност. Секоја година ширум светот се произведуваат околу 1,3 милијарди мобилни телефони. Но, само десет насто од нив завршуваат во постројките за рециклажа. Тоа значи дека луѓето годишно фрлаат 20 до 22 тони злато во ѓубре“, вели Шнајдер.