БИТКА ЗА КОБАНЕ: Исламска држава тргна во нова офанзива

БЛИЦ: Путин отвора медиуми во Србија

ЉУБОВЕН ТУРИЗАМ: Постари Европејки плаќаат млади мажи во Кенија

Бункерот на Мусолини отворен за туристи

22/09/2013 - 12:59

ДЕЈАН РУНТЕВСКИ: Во Македонија нема ГМО-храна

Досега ниту има интерес ниту, пак, имаме издадено одобрение за увоз на сточна храна што содржи ГМО, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство

Тоа што јадеме – тоа сме, вели една поговорка. Тоа што храната секогаш предизвикува голем интерес кај граѓаните, а изминативе години и Македонија, регионот и светот ги тресеа многубројни афери поврзани со храната, за Телеграф е повод за интервју со првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.

Директорот на оваа институција е свесен за честата појава на скандали поврзани со храната. Вели дека тоа е нормално оти светското производство е огромно и тешко се контролира.

Сепак, тврди тој, граѓаните на Македонија треба да бидат сигурни дека јадат безбедна храна затоа што Агенцијата одговорно си ја врши работата. Со вкупно 180 инспектори, од кои значаен дел се на граничните премини, се контролира секој увоз на храна. Прво се проверуваат документите и идентитетот на производот, а од одреден број пратки се земаат и мостри за испитување, зависно од потеклото на храната.

За контрола на домашното производство, пак, во кланиците секојдневно има ветеринарни инспектори, додека во останатите објекти инспекторите се присутни согласно анализата за ризик, објаснува Рунтевски.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Со него разговаравме за аферата со афлатоксинот и безбедноста на млечните производи, за новите можности за влез на ГМО-храна во земјава, како и за безбедноста на месото што го јадеме.

- На почетокот од годинава изби регионалната афера со афлатоксинот во млекото. Оттогаш колку често се испитуваат мостри од млеката што се продаваат во земјава и кои се нивоата на афлатоксин кај различните производители во последниве месеци?

-Да, тоа беше афера која го потресе Балканот и кај нас доби соодветна димензија, но, за среќа, домашното производство на млеко не беше зафатено од афлатоксин. Веднаш донесовме мерки- забрана за увоз и забрана за пуштање во промет сè додека не се добијат резултати за нивото на афлатоксин во млекото, кое не смее да биде над законски дозволената граница. Забраната најпрво се однесуваше за сите земји, но откако се виде дека во ниту една од пратките со потекло од земјите на ЕУ немаме присуство на афлатоксин над дозволеното, се ограничи на оние земји каде што афлатоксинот беше присутен. Како мерка на претпазливост важеше и за домашното производство, при што секоја млекарница што откупуваше млеко мораше секојдневно да го испитува нивото на афлатоксин.

Тоа беше огромна работа, но успеавме да ја спроведеме заедно со фармерите и со лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина, со оглед на тоа што во Македонија има повеќе од 10.000 одгледувалишта кои предаваат млеко во одобрени млекарници. Подоцна, таа мерка ја намаливме на еднаш неделно, и тоа сè уште трае. Бидејќи нашите резултати од домашното млеко се одлични, размислуваме мерката да ја измениме и испитувањето мостри за присуство на афлатоксин да се прави еднаш месечно, почнувајќи од октомври. Причина е тоа што резултатите не прикажуваат присуство на афлатоксин во домашното млеко, а испитувањето претставува голем трошок за производителите.

Дали задолжителното испитување за странско млеко се уште важи?

-За земјите што беа погодени од оваа криза, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, сè уште важи решението со кое се пропишува задолжително испитување на нивоата на афлатоксин на секоја пратка увезено млеко. Нивоата генерално се добри, но се случува да се појави пратка со ниво на афлатоксин повисоко од дозволеното, меѓутоа, тие пратки се ретки во споредба со она што беше во моментите кога траеше аферата. Дозволеното ниво е 0,05 микрограми на килограм.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Од кои земји и производители било млекото во кое било забележано повисоко ниво на афлатоксин од дозволеното, во овој период по аферата?

-Во последниот случај земјата на потекло мислам дека беше Србија.

До пред некоја година млекарниците не мораа да декларираат какво сурово млеко е користено за производство на нивните млечни производи бидејќи не постоеше правилник што ќе го наложува ова. Како стојат работите на ова поле сега? Има нов правилник, но како и колку се применува?

-Генерално, можам да кажам дека се почитува правилникот за декларирање. Доколку се утврди дека не се почитува, на операторите со храна им се изрекуваат корективни мерки да го исправат. Меѓутоа, информациите што се појавија кај нас дека се увезува млеко во прав кое се разредува со вода и потоа такво се продава, се илузорни и невистинити, никој не прави така. Евапорирано млеко се увезуваше само од една млекарница, која го користеше во процесот на производство. Значи, на домашното сурово млеко му се додаваше евапорирано со цел подобрување на квалитетот и овозможување на технолошкиот процес на производство на млечни производи.

Инаку, евапорираното млеко е обично млеко на кое на висока температура му е извадена водата за да може подолго време да стои и да се употребува. Но, ова млеко е со висок квалитет ако се има предвид фактот дека потекнува од земјите на Европската унија.

Знаете дека кај нас суровото млеко, за жал, не ги исполнува во целост пропишаните критериуми на ЕУ, односно само 25-30% од млекото што се произведува на фармите во земјава се со европски квалитет, од аспект на присуството на микроорганизми и соматските клетки. Во ЕУ секоја фарма ги исполнува овие критериуми 100%. Кај нас од година на година тој процент се зголемува, но тоа оди бавно. Веројатно причината е големата расцепканост на фармите (во 75% од фармите бројот на говеда е 5 или помалку), а во таква констелација многу тешко може да ја обезбедите соодветната хигиена и апаратурата потребна за такво производство.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Како треба да се декларира потеклото на суровото млеко во млечните производи? Што треба да стои на амбалажата?

-Што се однесува до декларирањето, доколку операторот со храна – млекарницата произведува млеко, на пример, со потекло од Србија, треба да декларира на амбалажата дека суровината потекнува од Србија. И ова важи за целата храна согласно Правилникот за означување.

Инаку, постапувањето по Правилникот, кој ги пропишува условите за суровото млеко, соматските клетки и микроорганизмите, кај нас е пролонгирано до 2016 година. Дадена им е можност на фармерите постепено секоја година да го подобрувааат квалитетот на млекото. По 2016 година она млеко што нема да ги исполнува европските критериуми нема да може да оди во процесот на производство.

Можноста за увоз на ГМО-сточна храна, што е новина во Македонија, крена голема прашина во јавноста и разви жестоки дебати на социјалните мрежи. Од каде потребата за ГМО-семиња и сточна храна во нашето фармерство?

-Законот за ГМО е донесен уште во 2008 година, а надлежна институција што го регулира ова прашање е Министерството за животна средина и просторно планирање. Делот на увозот на семиња и нивната контрола е надлежност на Министерството за земјоделство. Правилникот што ние го објавивме е правилник за начин и услови за ставање во промет на ГМО-храна за животни, кој ја доуредува областа за ГМО-храна за животни, а основата произлегува од Законот за безбедноста на храната за животни.

Овој правилник ги утврдува посебните барања за безбедност на генетски модифицирана храна за животни (ГМО храна за животни) која би можела да се стави во промет и во употреба, и условите за ставање во промет на ГМО-храната за животни, условите кои се однесуваат на следењето и означувањето генетски модифицирана храна за животни.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Значи дека доколку некој во иднина сака да почне постапка за увоз на таква храна, со овој правилник се пропишани условите, правилата и документите што треба да се приложат во постапката за одобрување. Овие правила се многу строги и самата постапка е многу сложена и долготрајна.

Што подразбира тоа – сложена и долготрајна? И има ли барања за увоз на ГМО?

-Се сомневам дека луѓето што дебатираат на социјалните мрежи го имаат прочитано Правилникот. Таму е дадено што сè треба да обезбеди фирмата за евентуално да добие одобрение, но засега сè е во фаза на теорија. Се бараат студии, елаборати, докази кои треба да покажат дека таа храна за животни нема штетно да влијае врз животните, односно со кои практично ќе се докаже дека таа храна за животни е безбедна. Доколку условите се исполнети, процесот на издавање одобрение трае минимум шест месеци.

Досега немаме добиено ниту едно барање, ниту пак е издадено одобрение за таква храна.

Кој е официјалниот став на Владата во однос на ГМО? Штетни се или не ваквите растенија и храна за здравјето на луѓето и за животната средина?

-Ќе најдете студии што тврдат дека е штетна, но ќе најдете и студии што тврдат дека нема докажани штетни ефекти. Сè уште изграден став на глобално ниво за штетноста на генетски модифицираните организми. Правилникот што Македонија го има преземено е во сила во Европската унија. Ние не прифаќаме ништо повеќе или ништо помалку од она што е на ниво на ЕУ. Храната за животни што и сега се увезува задолжително доаѓа со сертификат дека не содржи ГМО.

Инаку, на социјалните мрежи ќе сретнете секакви коментари во насока дека целата храна, зеленчукот и овошјето, се генетски модифицирани, што навистина не е точно и создава паника кај луѓето. Кога се зборува за ГМО, најчесто се мисли само на пченката и на сојата, тука најприсутни се генетските модификации. Теоретски, во лабораторија секое растение може да се произведе со ГМО, но тоа нема примена во исхраната.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Како ГМО – сточната храна влијае врз месото, млекото?

-Она што исто така е невистинито и внесува паника се тврдењата дека доколку животното што се храни со храна произведена со ГМО ќе се разболи, ќе му се смени генетската структура, па таквото месо ќе има влијание врз здравјето на луѓето итн., навистина нема никаква научна основа. Не постојат никакви докази дека ваквата храна може да ја смени структурата на животното (на месото), а уште помалку на луѓето. Меѓутоа, да не навлегуваме понатаму во научни расправи, повторувам дека во Република Македонија нема ваква храна.

Сепак, ние ги разбираме ваквите реакции на населението бидејќи секогаш кога станува збор за храната, луѓето се прашуваат дали има нешто небезбедно што може да им наштети на здравјето. Различни и поделени мислења ќе најдете во секој сегмент на храната. Пример, и за брзата храна има поделени мислења, според некои студии ваквата храна го зголемува ризикот од појава на одредени болести, но други велат дека не е така. Она што е најважно во овој дел е дека ние, како Агенција, навистина ги преземаме сите неопходни мерки за да обезбедиме безбедна храна за луѓето и досега успеваме во тоа.

Како и зошто беше одлучено да се дозволи влез на ГМО во Македонија, и каква е ситуацијата во овој поглед во земјите во соседството и во земјите на ЕУ?

-Во овој случај со ГМО ние само ги пропишуваме условите за ставање во промет на ГМО-храната за животни. Мораме да ја регулираме областа, тоа се работи кои постојат во светот насекаде, не можеме да се апстрахираме и да се однесуваме како тоа да не постои. Мораме да донесеме одредена рамка со која кажуваме што може, што не може.

Во однос на тоа каква е законската рамка, таа е целосно направена според легислативата на ЕУ, бидејќи тоа се земји кои имаат повеќе средства за истражување и според тоа донесуваат соодветни одлуки. Во регионот сите земји имаат закон за ГМО.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Како ќе се означува присуството на ГМО во прехранбените производи?

-Согласно сегашниот правилник за ГМО-храна и правилникот за означување, доколку некој производител во своето производство користи ГМО-суровина (ГМО-соја или ГМО-пченка), должен е на крајниот производ да ја означи таа соостојка како ГМО-состојка со единствена цел потрошувачот сам да одлучи дали ќе го користи тој производ во својата исхрана.

За храната во која ќе се утврди присуство на ГМО над 0,9%, производителите имаат обврска да ја означуваат со ознаката „генетски модифицирана“ .

-Но, таква храна нема во Македонија.

На Детската клиника во Скопје биле забележани случаи на деца со предвремен пубертет, што според доктори настанува поради консумирање пилешко месо кое изобилува со хормони за раст. Како Агенцијата ја осигурува безбедноста на увозното пилешко месо со оглед на тоа што немаме домашно производство?

-Во врска со информацијата што беше објавена за деца влезени во предвремен пубертет никаде немаше докази дека тоа е од пилешкото месо. Тоа беа изјави засновани на некои претпоставки, без притоа да се понудат докази како е дојдено до тоа. Да не заборавиме, во текот на аферата со афлатоксинот имаше слични изјави дека ако испиете една чаша или еден литар млеко, ќе ви се случи којзнае што, но на крај излезе дека сето тоа е невистинито (на пример, повеќе афлатоксин има во кикиритките, лешниците и во другите јаткасти плодови отколку во млекото), така што не би ги коментирал ваквите паушални изјави.

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Дејан Рунтевски (Фото: Телеграф.мк/Влатко Перковски)

Како го контролирате увозот, односно спречувате влез на пилешко со хормони?

-Кога станува збор за увозот на месо, конкретно пилешкото, тоа се контролира постојано. Секоја пратка на производи од животинско потекло е придружена со ветеринарен здравствен сертификат во кој се пропишани условите за увоз во Македонија (меѓу другото, дека животното не смее да биде хрането со хормони за раст), земјата-извозник гарантира дека се исполнети пропишаните услови и само такво месо може да влезе на територијата на РМ. Нормално, покрај ова, секоја пратка се контролира и се земаат одреден број мостри, кои се испитуваат и за присуство на хормони. До средината на годинава се испитани повеќе од 30 мостри од увоз и никаде не се најдени хормони над дозволеното количество. Приказната дека се увезува пилешко месо со хормони во Македонија не е точна.

(Маја Бајалска -Георгиевска/Телеграф.мк)

Оставете коментар

Коментарот можете да го испратите и користејќи:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*